Шарпланинска Овца

Името на Шарпланинската овца потекнува од планинскиот масив Шар-Планина, (западен дел на Република Македонија).

Како регион на одгледување на оваа овца се посочува и северозападниот и централниот дел на Р. Македонија. Оваа популација овци се одгледува и во соседните земји пред се во Косово.

Во минатото можело да се идентификува гранична линија на одгледување меѓу Овчеполската и Шарпланинската овца. Како главен реон на одгледување на Шарпланинската овца во минатото се посочува: Битолско-преспанскиот регион на југ, до Скопје и Куманово на север, а на исток границата е текот на реката Вардар.

Во однос на форматот на телото оваа популација овци припаѓа во групата на праменки со мал односно среден раст.

Главна карактеристика на популацијата овци е потполно бела пигментација на покривните влакна на главата, ушите и нозете. Главата е мала, овните имаат добро развиени рогови, повеќето од овците се шути, но некогаш може да се појават рогати грла. Телото е кратко, тесно и плитко. Нозете се тенки завршуваат со јаки папци.

Должината на опашката изнесува 13 опашни прешлени. Приносот на волна кај овните 1,86kg додека кај овците е 1,4kg.

Шарпланинската овца  во  однос на руно спаѓа во групата на овци со отворено и полу отворени руно.

Според производните особини Шарпланинската овца спаѓа во групата на овци со комбинирани производни особини (месо-млеко-волна).

Просечната тежина на овците е до 32,3 kg, на овните е до 44,2 kg. Висина на гребенот е 62cm кај овните и 55cm кај  овците. Плодноста е 105%.

Периодот на лактација во просек изнесува 199 дена со млечност од 62,60 L по лактација (со варијации од 61 до 120 L). Млечноста кај оваа популација овци има растечка тенденција до III лактација, како резултат на касностасноста.

Во однос на млечноста споредено со другите праменки Шарпланинската овца спаѓа во групата на полу-млечни праменки.

Во минатото се сметало дека 30% од популацијата на овци во Република Македонија и припаѓа на оваа популација овци.

Во периодот 2011-2015 година при реализација на Програмата за заштита на биолошката разновидност опфатена беше и Шарпланинската овца, но не беше идентификувано стадо на оваа популација овци. 

Моменталната состојба со популацијата на Шарпланинската овца имплицира статус на исчезната.