













Македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica) претставува подвид на најпознатиот, а воедно и најраспространетиот вид медоносни пчели во Светот, западната медоносна пчела (Apis mellifera L.). Заедно со уште четири подвидови, Македонската медоносна пчела влегува во централно-медитеранската и балканската група на медоносни пчели (Ruttner 1988; 1992) а нејзиниот ареал на распространување е од централна Грција (линија Јанина – Каламбака во близина на Лариса), преку целата територија на Република Северна Македонија, поголемиот дел на Бугарија, се до западниот брег на Црното Море и Украина.
Македонската медоносна пчела е темно обоена, обрасната е со сиви влакненца а на абдоминалните сегменти може да се појави жолто обојување. Задните нозе и се долги 8,0 mm, јазикот и е долг 6,4 mm а кубиталниот индекс (CI) изнесува 2,6. Се карактеризира со слабо одбранбено однесување, слабо изразено роево однесување, намалување на леглото на есен, одлично презимување, значителна прополизација и слаба отпорност на нозематоза (Nosema sp.). Приносите ѝ се помали од подвидовите пчели од истата група, и се движат од 13 до 18 kg по пчелно семјство, зависно од климатските услови во поединечни години.
Според официјалните податоци од Државниот завод за статистика во Република Северна Македонија (www.stat.gov.mk) се одгледуваат околу 100 000 пчелните семејства (99 558 во 2020 година). Пчелните семејства се одгледуваат во современи пчелни живеалишта, а во некои региони од земјата сé уште е задржан и традиционалниот начин на одгледување на пчелите во трмки. Освен тоа, регистрирани се и четири одгледувалишта на пчелни матици со контролиран генетски материјал од македонската медоносна пчела, од коишто во одгледувачка програма се вклучени 368 пчелни семејства. Овој број на вкупно одгледувани пчелни семејства и бројот на матичната популација се стабилни и ја ставаат Македонската медоносна пчела, според критериумите за Категорија на загрозеност FAO/IUCN, во незагрозен подвид.