







Буша говедото е автохтона раса која е застапена на целиот Балкански Полуостров. Спаѓа во групата кратко-роги говеда (Bos brachyceros). Има мала телесна маса – околу 250 kg кај кравите, а 300-350 kg кај биковите. Телињата се раѓаат со маса до 14 до 18 kg. тоа е доцнастасно (доцназрело) говедо – кравите за првпат се отелуваат на возраст од 2,5 до 3 години. Млечноста е релативно мала, од 800 до 1500 kg млеко, со 4% млечна маст и 3,5% протеини. Лактацијата кратко трае – околу 7 месеци. Гојните резултати се ралативно слаби – на една година без прихрана постигнува тежина од околу 200 kg. рандманот изнесува 45-50%. Има одлична плодност (секоја година дава теле), долговечно е, и има одлична приспособливост на планински услови каде што другите раси тешко опстојуваат. Има добра отпорност на болести и паразити, и не бара големи вложувања. Во текот на годината, поголемиот дел го поминува на планинските пасишта. Во последните 2-4 децении се вкрстуваше со некои комбинирани раси говеда и не се работеше на нејзино зачувување и одгледување во чиста крв (чиста раса).
Буша говедото претставува единствена македонска автохтона раса говеда, која има вредни особини кои треба да се зачуваат и унапредуваат.
Во Република Македонија, согласно член 62 од Законот за сточарство, реализацијата на Програмата за заштита на биолошката разновидност, односно зачувување на генетскатаваријабилност и генетските резерви на добиток, претставува многу важен елемент при креирањето на генската банка на домашни автохтони видови добиток. Тука спаѓа и домашната раса говеда – буша, која е воедно и наше природно и национално богатство. Таа е домашна раса, приспособена на условите од овие географски простори. Таа е основа на традиционалното сточарско производство, кое и денес е присутно, особено во планинските рурални средини. Истовремено оваа раса е поврзана и со културниот идентитет, традицијата и начинот на живот на овие простори.
| Соеви од буша | Млечни масти % | Млечни протеини % | Суви безмастни материи % |
| Сив сој | 3,89 | 3,57 | 9,49 |
| Кафеав (костенлив сој) | 4,04 | 3,62 | 9,62 |