Домашен коњ

Домашниот ридско-планински коњ е автохтона раса коњи на Балканскиот полуостров. Од изворниот балкански тип, благодарение на различните регионални и одгледувачки услови, селектирани се неколку негови вариетети: македонски, босански, грчки, албански, далматински, бугарски и други вариетети на балканскиот ридски коњ. Од сите вариетети на домашен ридски коњ на Балканот, најмногу е работено на босанскиот вариетет. Македонскиот тип на домашен коњ е малку понизок и полесен од босанскиот, како резултат на послабата селекциска работа на негово унапредување, како и поради полошите услови на негово одгледување. Главно се користи за товарење и за јавање, а поретко за работа во земјоделството и шумарството. Има многу цврста градба на телото, одлично здравје, цврста конституција и голема издржливост и добра адаптација и аклиматизација на различни климатски подрачја. Често пати се користи за товарење на планинските места или оддалечени места од поголемите населени места, до селата по стрмни козји патеки, каде претставува скоро единствена прометна врска.

Македонскиот вариетет на домашен ридско-планински коњ во голема мера варира во однос на неговите ектериерни мерки и живата маса, поради отсуството на континуирана селекциска активност за негово генетско унапредување на нашите простори. Со намалувањето на руралната популација на фармери во македонските села, нагло опаѓа и бројот на домашни коњи.

Главна цел на проектот беше да се изврши инвентаризација, фенотипска карактеризација и следење на поважните екстериерни, линеарни, производни, репродуктивни и функционални особини кај домашните ридско-планински коњи во Македони-ја, како основа за програмот за генетско зачувување на автохтоните домашни копитари во услови на Р. Македонија.

Домашниот коњ според своите ценети особини, скромност, отпорност, долговечност, мирен темперамент и способност за адаптација и аклиматизација во суровите аридни и полуаридни подрачја во нашата земја, со сигурност може да се каже дека претставува наше национално благо.

Домашните коњи се користат за товарење и влечење дрва, а многу помалку за работа во земјоделството и други намени. За жал, нивниот број од година во година се намалува, од една страна поради намалувањето на руралната популација во планинските села, а од друга страна поради нивното продавање во соседните земји каде домашните копитари се субвенционирани од 100 до 300 евра по грло. На овој начин евидентен е фактот што другите балкански земји со грла копитари од Македонија, ја претставуваат нивната ген-банка и биодиверзитет во нивните земји, каде се декларираат како српски, албански, грчки, хрватски и словенски домашни автохтони копитари, а се купени од наши фармери, воглавно од југо-источниот и северо-источниот земјоделски регион во Р. Македонија. Доколку веднаш не го заштитиме со интервентни мерки, преостанатиот дел домашни коњи и магариња и натаму ќе се продаваат во соседните земји каде постои субвенција по 300 евра по грло, и ќе се декларираат како нивни национални генетски ресурси.