






Домашно магаре е сродник на правите коњи. Тоа е вториот автохтон вид копитари кој е признат во 2013 година согласно дополнувањата на листата на автохтони раси и видови домашни животни во Р. Македонија. Се одгледува од дамнешни времиња на нашите простори, претежно во посуровите припланински предели на Р. Македонија, каде потешко се одгледуваат коњите. Магарето е ситно, здраво и скромно домашно животно. Во многу земји со тропска и суптропска клима претставува единствено товарно животно.
Се мисли дека Домашното магаре потекнува од дивото нубиско магаре (Equus asinus africanus) или пак од многу покрупното сомалиско магаре (Equus asinus somaliensis). Иако постои голема варијабилност по соеви на домашното магаре, сепак постојат типични расни карактеристики кои се изразени кај домашното магаре. Тоа сеуште има економска важност во нашата земја, особено во ридско-планинските предели. Во одредени подрачја на Македонија, бројот на магариња сеуште е поголем од бројот на коњи.
Балканскиот тип на магаре (Eguus Asinus europens) е животно со низок раст, мала жива маса и голема долговечновечност, кое се одгледува главно на подрачја каде е невозможно механизацијата да допре, главно на каменливи и стрмни терени. На тие предели каде има многу оскудна крмна база, оправдано и поекономично е одгледувањето на магарињата во споредба со коњите.
Постојат повеќе раси и вариетети на магариња. Кои главно се делат во две групи: а) помали по раст и жива маса, кои главно ги населуваат ридско-планинските предели, и б) покрупни магариња, кои се одгледуваат во низинските подрачја. Македонскиот вариетет на домашно магаре спаѓа во првата неведена група магариња.
Активности кои се реализираа се:
– Инвентаризација (наоѓање грла) на магариња на неколку локации во РМ,
– Фенотипска карактеризација и опис на домашното магаре,
– Контрола на поважните морфолошки (екстериерни), линеарни, производни, репродуктивни и функционални особини кај домашните соеви магариња во Р. Македонија
– Обележување (чипување) на магарињата,
– Следење на нивните морфолошки, репродуктивни и производни особини,
– Организирање Работилници (обуки) за фармери и заинтересирани лица.
ЗАШТИТАТА НА ДОМАШНОТО МАГАРЕ е во согласност со Законот за сточарство на РМ од 2008 година и согласно Националната Програма за биодиверзитет во сточарството, издадена од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Согласно измените на законот за сточарство од 2013 година, како нови автохтони видови се додадени домашното магаре и домашниот ридско-планински коњ.
Домашното магаре според своите ценети особини, скромност, отпорност, долговечност, мирен темперамент и способност за адаптација и аклиматизација во суровите аридни и полуаридни подрачја во нашата земја, со сигурност може да се каже дека претставува наше национално благо.
Во последниве 5-6 години тоа и се прави, и денес наши магариња и домашни коњи се декларираат како српски, албански, грчки, хрватски и словенски домашни автохтони копитари, а се купени од наши фармери, воглавно од југо-источниот и северо-источниот земјоделски регион во Р. Македонија. Доколку веднаш не го заштитиме со интервентни мерки, преостанатиот дел домашни коњи и магариња и натаму ќе се продаваат во соседните земји каде постои субвенција по 300 евра по грло, и ќе се декларираат како нивни национални генетски ресурси.