Овчеполска Овца

Популацијата на овчеполската овца го добила своето име според регионот на одгледување висорамнината Овче Поле, лоцирана во источниот дел на Република Македонија. Кое во минатот поради својата поставеност било населено со различни цивилизации.

Три различни постулати се поврзани со потеклото на овчеполската овца. Според првата теорија, Илирите одгледувале сопствена бакарна или plaustri овца, втората теорија е поврзана со Словените и интродукцијата на нивната долго опашна овца и третата теорија е поврзана со  влијанието на Турците за време на Отоманската империја, присуство на нивни попуулации на долго опашни овци во оваа област.

Типичниот претставник на оваа популација секогаш има целосна или делумна пигментација на главата, која е црна или кафеава. Пигментацијата на главата има неправилна форма која се протега до коренот на роговите, двете страни лицето па се до самата уста. Mеѓу неправилните црно или кафено  пигментирани делови на главата се појавуваат неправилни сегменти со бела пигментација. Овој тип на пигментација е познат како “калеша” синоним за убаво.

 Исто така, се појавуваат и грла со целосно црни или темно пигментирани глави познати како “карабаши”.

Главата е тесна и долга. Муцката кај грлата е секогаш црно пигментирана, понекогаш дури и во внатрешноста на устата.

Роговите се добро развиени кај овните, но се појавуваат и машки грла без рогови, овците секогаш се шути. Нозе се силни, цврсти и добро развиени.

Пигментацијата на нозете е црна, или тие може да бидат испрскани со бели дамки, може да се појави целосно бела пигментација на нозете. Должината на опашката во просек изнесува 16,52 опашни пршлени (12-20 пршлени). Просечната тежина на овните е 45kg (35-48kg), на овците е 36kg (25-48kg). Висина гребенот во просек е 64,5cm кај овните и 61cm кај овците.

Овчеполската овца се карактеризира со скромни производни особини, отпорна е кон болести, добра плодност но низок процент на близнење (5-6%).

Приносот на волна кај овните изнесува 1,75kg, а кај овците 1,22kg. Период на лактација во просек трае 191 ден, со просечна млечност од 72,49 L, и голема варијација во млечноста (38.74L-91.28L). Просечната застапеност на млечната маст е 5,41%, со варијација од 4,62 до 6,31%.

Денес е присутна на 2/3 од територијата на Република Македонија, 60% од севкупната популацијата овци припаѓа на овчеполската овца. 

Во 2012 година формирана е Призната организација на одгледувачи на Овчеполската овца во која челнуваат шест фармери и опфаќа повеќе од 3300 грла во сите категории.